Брнз за ТВ21: Мора да побараме одговорност од Русија и мора да ги изолираме финансиски и политички

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз во ексклузивното интервју на ТВ21 порача дека мора да се побара одговорност од Русија за агресивната воена инвазија против Украина.

Амбасадорката додаде дека исто така, земјата мора да биде изолирана финансиски и политички.

„Најважно е она што го гледаме низ целата меѓународна заедница, во САД, овде, во Северна Македонија, низ Европа и низ целиот свет. Тоа е јасната потреба да се одбрани глобалната безбедносна структура, меѓународните системи и поредокот заснован на правила. При вакви дејствија, при страотните и бесрамни дејствија од Русија, никогаш не било појасно дека не сме… Дека мораме да имаме цврсти ставови, да бидеме гласни и да заземеме јасен став. Мислам дека нема простор ова да се гледа поинаку отколку со јасен и цврст став во однос на последиците. Кога се работи за овој регион и дел од долгогодишните гледишта, видете, пред една недела ние, САД, имавме многу различен однос со Русија. И меѓународната заедница имаше различен однос со Русија пред една недела. Ама сега, откако ги видовме овие дејствија и последиците и човечкото страдање на невиното украинско население кое не направило ништо со што ќе испровоцира или со што ќе се оправдаат вакви постапки“, посочува Брнз за ТВ21.

Таа додава дека се знае дека ќе има последици за сите членови на меѓународната заедница без оглед дали ќе бидат од хуманитарен или економски аспект. 

„Знаеме дека мора да заземеме цврст став. Мора да ги осудиме овие постапки. Мора да побараме одговорност од Русија и мора да ги изолираме, финансиски и политички. Мора да се испрати јасна порака до целиот свет дека вакво однесување е неприфатливо“, додава амбасадорката Кејт Мари Брнз во интервју на ТВ21.