Бројката на заразени повторно во пораст, 36 новозаразени денеска – Тетово и Велес нови жаришта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тетово со 12 и Велес со 6 новозаразени се новите жаришта во Македонија со коронавирус по последните податоци кои ги соопшти Министерството за здравство.

Овие бројки ги алармираа здравствените власти во Тетово и одржаа итен состанок.

-68,7% имаме оздравени од вкупно заразените, што е една оптимистичка бројка, а тоа што е индикативно во Тетово имаме 11 позитивни и други 4 се повторувани тестови и тие се позитивни, првично кои исто така биле позитивни, но сетоа ова ќе се следи и во наредните денови за да имаме една статистика што тоа конкретно се случува.-рече Арслани.

Вицепремиерот Бујар Османи, кој е главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа, истакна дека најлошото не е поминато во однос на пандемијата и во овој регион.

-Повик до граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи во ситуација кога спласнува пандемијата на ниво на државата, може да создаде ситуација на лажна самодоверба дека ја поминавме состојбата да се опуштиме предвреме и наместо за кратко време навистина да ја пребродиме оваа состојба, да ни се врати повторно вирусот-рече Османи.

Во изминатите 24 часа направени се 411 тестови од кои 36 лица се позитивни. Билансот бележи и 13 оздравени пациенти и 1 починато лице. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1622, бројката на оздравени пациенти е 1112, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 419.

Во понеделник комисијата за инфективни болести ќе донесе одлука дали ќе предложи олабавување на мерките, откако во последните 24 часа има зголемување на бројот на заразени во Тетово и Велес кои стануваат нови жаришта на болеста.