Бројките и состојбите во економијата, причина за нови препукувања меѓу власта и опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спротивставени реакции меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу економските политики на Владата и состојбата со јавните финансии. Двете најголеми партии излегоа со целосно различни оценки за економските резултати во изминатите две години.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата, за само две години, покажала дека со „одговорно и чесно управување“ можат да се постигнат конкретни економски резултати.

Од партијата оценуваат дека наследиле „економски пустош, осиромашени граѓани, ослабени и нефункционални институции и „огромни обврски“, но тврдат дека со внимателно управување со јавните финансии е постигната финансиска стабилизација.

„За само две години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека со одговорно, и чесно управување може да се постигнат конкретни економски резултати. Наследивме економски пустош, осиромашени граѓани, ослабени и нефункционални институции и огромни обврски. Денес, со внимателно управување со јавните финансии, не само што се намалува јавниот долг, туку се намалува и државниот долг. Државниот долг сега изнесува 51,7% од БДП, што претставува намалување од 41 милион евра. Ова е јасен показател дека политиките на Владата даваат резултати и дека Македонија се движи во насока на финансиска стабилизација. Позитивните трендови се потврдуваат и преку економскиот раст. БДП веќе седум квартали по ред бележи раст од над 3% проценти, што укажува на стабилна економска активност и зголемена доверба во економските политики. За ВМРО-ДПМНЕ економијата не е статистика на хартија, туку подобар животен стандард, стабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и сигурна иднина за граѓаните“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, имаат целосно спротивна оценка за економската состојба. Опозициската партија остро ги критикува тврдењата на Владата за економски успех и ги обвинува Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека преку статистички податоци создаваат слика за напредок која, според нив, не соодветствува со реалниот животен стандард на граѓаните.

СДСМ иронично ги коментира владините тврдења дека Македонија е меѓу лидерите во Европа во повеќе економски категории, посочувајќи дека граѓаните, според нив, не ги чувствуваат тие резултати во секојдневниот живот.

„Ова веќе станува толку смешно, што кога не би се работело за животниот стандард на граѓаните, би можеле само да се смееме. Според Мицкоски, Македонија е:

• Трета економија во Европа (без коментар)
• Прва по туризам (можеби поради екскурзијата на ВМРО-ОКГ и Мицкоски).
• Лидер во авио-сообраќајот (откако две авиокомпании ги укинаа линиите за Скопје)
• Прв аеродром во Европа (најверојатно затоа што младите бегаат од земјата)
• Најбрзо растечка економија (луѓето немаат за леб)
• Најбрзо растечки минимални плати (платите останаа 400 евра – најниски во Европа)
• Најголема куповна моќ (Ова најдобро го знаат граѓаните)
• Најевтино гориво (дизел 100 денари)
• Најдобри мерки за поевтинување (при секоја најава на мерки – сè поскапува)
• Континуиран раст (на криминални тендери)
• Индустриски раст (фабриките се затвораат BMZ и Artex, 3% помалку вработени)
• Огромен инвестициски раст (инвестициите паднаа повеќе од 60%)
• Седум квартали раст на БДП (Во последниот квартал само 0,3%. Трендот е забавување, а не забрзување).
• Пензиите зголемени (пари за пензии нема, а вториот столб сакаат да го национализираат)
• Буџетот во одлична кондиција (секоја недела ново задолжување)
• Смален долг (државата ја задолжија со над 2,5 милијарди евра за две години)
• Заштитени од енергетски шок (ММФ забележа дека ги користеле државните резерви на енергенси за да го ублажат шокот).

Дали постои некој подобар од Мицкоски? Нема“, велат од СДСМ.