Бројот на луѓе постари од 100 години во Јапонија за првпат ја надмина бројката од 100.000, соопшти во вторникот Министерството за здравство во Токио.
Вкупно 107.677 лица на возраст од 100 или повеќе години моментално живеат во четвртата по големина економија во светот – што претставува зголемување од 7.914 во споредба со претходната година.
„Задоволни сме што многу луѓе живеат подолго и остануваат активни благодарение на напредокот во медицинската технологија“, изјави за новинарите министерот за здравство Кеничиро Уено.
Бројот на стогодишници расте од година во година веќе 56 години по ред. Кога Јапонија почна да ја следи оваа статистика во 1963 година, островската нација имаше само 153 стогодишници. Дваесет и пет години подоцна, таа бројка веќе надмина 10.000.
Според најновите податоци, жените сочинуваат околу 88% од сите стогодишници. Јапонија има еден од најдолгите животни векови во светот; во просек, жените живеат до околу 87, а мажите до околу 81 година.
Истовремено, населението на Јапонија се намалува со рекордно темпо поради нискиот наталитет и релативно ниското ниво на имиграција. Претходно оваа година, бројот на јапонски државјани падна под 120 милиони за првпат по 42 години, спуштајќи се на приближно 119,7 милиони. Во текот на само една година, населението на земјата се намали за 917.000 – што е приближно еднакво на бројот на жители во некој голем град.
Трошоците за социјална заштита во Јапонија растат од година во година поради падот на наталитетот и стареењето на населението, што создава сè поголем товар за јавните финансии. Ова се случува во земја која веќе го има убедливо најголемиот јавен долг меѓу индустријализираните нации.
