Бројот на загинатите во земјотресот во Мјанмар се искачи на 3.354, додека 4.850 лица се повредени, а 220 се водат како исчезнати, јавија утринава локалните медиуми.
Во исто време, шефот за хуманитарна помош на ОН, Том Флечер, ја пофали работата на хуманитарните организации и организациите во заедницата кои водат одговор на ситуацијата со земјотресот.
Лидерот на воената влада на Мјанмар, Мин Аунг Хлаинг, се врати во Нај Пи Тав по странската посета, за време на која присуствуваше на самитот на Југоисточна Азија во Бангкок, објави Ројтерс.
Таму имаше одвоени средби со лидерите на Тајланд, Непал, Бутан, Шри Ланка и Индија.
За време на состанокот со индискиот премиер Нарендра Моди, Мин Аунг Хлаинг ги потврди плановите на хунтата да одржи „слободни и фер“ избори во декември, соопшти државната агенција на Мјанмар.
Моди, од друга страна, повика на траен прекин на огнот во граѓанската војна во Мјанмар и истакна дека изборите мора да бидат „кредибилни“, изјави вчера портпаролот на Министерството за надворешни работи на Индија.
Откако војската ја собори избраната цивилна влада на Аунг Сан Су Чи во 2021 година, раководството на Мјанмар се соочи со големи тешкотии во управувањето со земјата, што доведе до колапс на економијата и основните услуги, вклучително и здравствената заштита, истакнува Ројтерс.
Граѓанската војна што следеше по државниот удар принуди повеќе од три милиони луѓе да избегаат, додека гладот и несигурноста во храната погодија повеќе од една третина од населението.
Според ОН, повеќе од една третина од населението на Мјанмар сега има потреба од хуманитарна помош.
Флечер вчера беше во Мјанмар, во вториот по големина град Мандалај, кој се наоѓа во близина на епицентарот на земјотресот.
