Бројот на жртви од земјотресите во Венецуела се искачи на 5.200

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на загинати од двата силни земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени, кои го погодија северот на Венецуела пред речиси еден месец, достигна 5.208 лица, откако властите во последниот биланс додадоа уште 89 жртви.

Како што соопшти претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, бројот на повредени останува 16.740 лица, додека 17.907 луѓе останале без дом.

Дополнително, 23.820 жители се сместени во 107 привремени кампови, а надлежните тимови досега обезбедиле помош за 128.324 семејства погодени од последиците од природната катастрофа.

По разорните земјотреси што ја погодија земјата на 24 јуни, регистрирани се вкупно 1.388 дополнителни последователни потреси. Последниот земјотрес со јачина од 3 степени бил регистриран вчераутро, на околу 9 километри западно од Ла Гваира, на длабочина од 3,9 километри, според податоците на Венецуелската фондација за сеизмолошки истражувања.

Властите продолжуваат со спасувачките операции и обезбедувањето хуманитарна помош во погодените области, каде покрај човечките загуби, евидентирана е и голема материјална штета на објекти и инфраструктура.