Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, се сретна со гимназијалецот Даниел Христов, кој освои бронзен медал на престижната Менделеева олимпијада по хемија во Москва.
Од општината информираат дека Јорданов му честитал за успехот, оценувајќи дека станува збор за значајно достигнување кое го афирмира не само ученикот, туку и Штип и државата на меѓународно ниво. На средбата било посочено дека ваквите резултати се доказ за потенцијалот на младите во науката.
Како признание, на Христов му е доделен ваучер од 10.000 денари. Градоначалникот истакнал дека општината ќе продолжи со поддршка на талентираните ученици и дека нивните успеси треба да бидат поттик за поголем интерес кон природните науки.
Менделеевата олимпијада е едно од најреномираните натпреварувања по хемија, а годинава се одржа со учество на натпреварувачи од 39 земји.
