Ученичка од шесто одделение била брутално нападната од три повозрасни девојчиња и како последица на тортурата, сега добива стручна помош. Инцидентот се случил во населбата „Ѓорче Петров“, каде според информациите, девојчето било насилно однесено во парк, по што било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и принудено да јаде кучешки измет. Дел од бруталниот чин бил снимен со мобилен телефон.
Причината за нападот, според првичните информации, била расправија на социјалната мрежа „Инстаграм“.
Случајот е во фаза на истрага, која се води во координација на МВР со Обвинителството. Досега се повикани на разговор 14 лица, меѓу кои има и родители на ученичките вклучени во случајот.
– Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за некои од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во овој случај е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува според насоките на надлежниот обвинител-рече Тошковски.
Потребен е системски пристап и решенија, вели првиот човек на полицијата, и ги повика надлежните министерства да се вклучат во спречување на ваков вид криминал.
–Не само Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку треба да се вклучат сите надлежни институции во овој проблем. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Подеднакво важна е и улогата на родителите – нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и вклученоста во образовниот процес на децата-рече Тошковски.
Министерката за образование, Весна Јаневска, рече дека жали што се соочуваме со вакви случаи. Според неа, Министерството континуирано подготвува упатства и прирачници за справување со врсничко насилство, но додаде дека без соработка со родителите, резултатите ќе бидат ограничени.
Канцеларијата на Народниот правобранител предупредува дека насилството меѓу врсници е пораспространето во основните училишта и дека бројот на пријави расте, но реалната состојба е многу посериозна, особено имајќи предвид дека дигиталното насилство ретко се пријавува.
