Жителите на десетте населени места во Општина Брвеница денеска гласаат за градоначалник на предвремените локални избори, откако на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст, почина тогашниот градоначалник Јовица Илиевски.
За градоначалничката функција во Брвеница се натпреваруваат шест кандидати, поддржани од четири политички коалиции, како и двајца независни кандидати.
Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот. Во Избирачкиот список за изборите во Брвеница се регистрирани 16.256 гласачи, од кои 449 привремено работат во странство, додека девет гласачи се наоѓаат во затвор или во притвор.
Државната изборна комисија (ДИК) постепено ги објавува првичните изборни резултати добиени по електронски пат, додека резултатите врз основа на податоците од записниците на Општинската изборна комисија (ОИК) се објавуваат во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ОИК ги објавува првичните изборни резултати во рок од седум часа по затворањето на избирачките места, врз основа на податоците од избирачките одбори. Резултатите се истакнуваат на огласната табла во општината, а за нив се известуваат и јавните медиуми.
ДИК ги објавува конечните изборни резултати веднаш, но не подоцна од 24 часа од моментот кога тие ќе станат конечни.
Во првиот круг за градоначалник е избран кандидатот што ќе освои мнозинство од гласовите на гласачите кои гласале, под услов на изборите да излегле најмалку една третина од вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список. Доколку во првиот круг не излезат најмалку една третина од регистрираните гласачи во општината, целата изборна постапка се повторува.
