Ескалираат протестите во Франција: Запалено Градското собрание на Лимож

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Историската зграда на Градското собрание во Лимож е речиси целосно уништена во катастрофален пожар, откако маскирани демонстранти намерно го запалија објектот за време на насилните протести кои ја зафатија Франција поради високите трошоци за живот.

Според изјавата на локалниот префект Морис Бара, овој 143 години стар архитектонски споменик е „во најголем дел изгубен“.

Пожарот избувнал откако група маскирани лица најпрво запалија паркирано полициско возило, а потоа упаднале во зградата кршејќи ги прозорците. Огнената стихија предизвика сериозни структурни оштетувања, при што покривната конструкција и историската камбанарија целосно се урнаа кон внатрешноста на објектот.

Речиси две третини од надворешноста на објектот се претворени во урнатини. Пожарникарите се бореа со огнот до доцните ноќни часови, но не успеаја да го спречат рушењето на овој важен историски споменик.

Зградата е изградена во 1883 година и беше архитектонски инспирирана од Париската општина. Локалните власти го оценија овој настан како вистинска катастрофа за културното наследство. Покрај инцидентот во Лимож, слични судири, грабежи и напади врз јавна инфраструктура вечерва се забележани и во Париз, Лион и Лил.