Пациентите наскоро би можеле да добијат поголема контрола врз своето лекување преку нов дигитален здравствен систем што го подготвува Министерството за здравство. Новите решенија ќе овозможат следење на Итната медицинска помош, увид во листите за чекање операции и поголема заштита на медицинските податоци.
Министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „4ТВ“ најави дека институцијата работи на сеопфатна дигитализација на здравствениот систем, со цел пациентите да имаат полесен пристап до информации и поголема контрола врз своите податоци.
Најавата доаѓа во период кога повторно се отвори прашањето за безбедноста на личните податоци во здравството, откако Министерството за внатрешни работи информираше за случај во Општата болница во Прилеп, каде што вработен на шалтер е осомничен дека фотографирал дебитна картичка на пациент и потоа извршил интернет-трансакции.
Во тој контекст, Алиу посочи дека новиот систем ќе му овозможи на секој граѓанин да следи кој пристапувал до неговото електронско здравствено досие и сам да одлучува за достапноста на дел од информациите.
„Новиот систем ќе му овозможи на секој пациент во реално време да види кој профил пристапувал до неговите податоци. Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците кои не сакате да бидат видливи. Можете да одберете тие податоци да ги гледате само вие и одреден специјалист, но не и сите останати доктори во системот“, изјави министерот.
Една од главните новини ќе биде и воведување централен софтвер за Итната медицинска помош, преку кој во реално време ќе може да се следи движењето на амбулантните возила и да се избира најбрзата маршрута до пациентот.
Според Алиу, целта е да се намали времето на реакција, кое во одредени ситуации во земјава достигнува и до 40 минути.
„Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути, додека, пак, кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, рече Алиу во интервјуто на 4ТВ.
Паралелно со ова, Министерството работи и на дигитален портал преку кој граѓаните ќе можат да ја следат реалната состојба на листите за чекање операции.
Со новото решение пациентите ќе имаат директен увид во своето место на листата и времето на чекање, наместо да се потпираат само на информации добиени од здравствените работници.
„Пациентите нѐ информираат дека докторот им велел: „Ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре по 16:00 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме“. Проблемот тука не е цената на приватната услуга, туку недоволната информираност на пациентот. Јас како лекар можам да ви кажам дека сте 105-ти на ред, а вие немате начин да проверите дали е тоа точно. За да го решиме овој притисок, креиравме нов дигитален портал преку кој секој граѓанин од својот мобилен телефон ќе може точно да види колкава е реалната листа за чекање кај конкретен доктор“, додаде министерот.
Во рамки на планираните реформи, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итната медицинска помош, а во завршна фаза е и постапката за набавка на 100 нови амбулантни возила.
Министерот очекува новиот софтвер да биде целосно имплементиран во период од пет до шест месеци.
