Брзите кредити, главоболка за граѓаните – подигнуваат кредити со злоупотреба на личните податоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Брзите кредити се претворија во лесна алатка за профит на измамниците, а од друга страна проблем за некои невини граѓани чии лични податоци се злоупотребуваат за добивање кредити. Овие брзи кредити се доделуваат само со јавување на телефон, па дури и преку е-пошта. Народниот правобранител, Насер Зибери, спомна случај кога на име на лице со церебрална парализа се земени дури пет брзи кредити.

„Често се случува парите да не ги зема лицето кое аплицирало бидејќи во тој случај се потврдува идентитетот, но се пуштаат преку економските оператор и потоа се купуваат домашни апарати и друга опрема и се тоа претставува злоупотреба на овие кредити. Нашиот апел во иднина е да се зголемат контролите од Министерството за финансии. Според последниот извештај на Министерството за финансии, за сите преписки кои сме ги добиле, тие направиле контроли и за жал се констатирани тешки прекршоци и пет здруженија се казнети со соодветни казни“, вели Насер Зибери.

Што треба да направат властите во врска со овие случаи? Бранимир Јовановиќ, експерт за економија, вели дека најважно е Министерството за финансии да ги казни тие што прават вакви прекршоци, но и да внимава кому му дава лиценца за работа како банкарска компанија.

Во меѓувреме, од МВР соопштуваат дека од јануари до јули годинава се пријавени вкупно 65 случаи на злоупотреба на лични податоци, што е зголемување во однос на 2022 година кога имало 43 случаи во текот на целата година.

„Во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити. Во периодот јануари-јули 2023 година, пријавени се 65 случаи, за кои по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави и 30 писмени известувања, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители“, велат од МВР.

Инаку МВР постојано упатува апел до граѓаните да внимаваат кога ги дават личните податоци поради тоа што постои можност за злоупотреба. Исто така експертите од оваа област, апелираат граѓаните да внимаваат кога земат брзи кредити бидејќи можат да дојдат во ситуација од која тешко се излегува.