Брзите кредити се повеќе проблем за граѓаните – Зибери: За кредит од 9.000 денари долгот достигнува над 75.000 денари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Голем број граѓани кои зеле брзи кредити од финансиските друштва имаат големи проблеми соочувајќи се со огромни трошоци кои неколкукратно ја зголемуваат сумата што треба да ја вратат. Иако во рекламите се нудат средства со нула посто камата или кредит без трошоци, сепак зад ова стојат скриени трошоци, поради кои граѓаните запаѓаат во огромни долгови кои не можат да ги платат. Народниот правобранител Насер Зибери вели дека во последен период има зголемен број претставки со вакви случаи и бара измена на Законот за финансиски друштва во кој сега не постои ограничување на вкупните трошоци што ги одредуваат овие фирми за брзи кредити, ниту пак имаат обврска да го објават тарифникот за трошоци. Зибери посочи еден пример на граѓанин кој зел кредит од 9.000 денари, а кој задоцнил со исплатата.

„На име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок на доцнење дури 58.846 денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомена од дури 5.900 денари долгот достигнува сума од 75.772 денари, што е за осум пати поголема од главниот долг“, вели Насер Зибери.

Зибери во својот извештај за работењето реагира и на присилната наплата на неплатен даночен долг, радиодифузна такса, но и други парични казни и тоа преку блокада и одземање на целиот износ од нивните трансакциски сметки. Дополнително тие се принудени на банките да платат финансиски средства за деблокирање на сметките.

„Владата да предложи а Собранието да усвои соодветни измени и дополнувања на одредбите на Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот во насока на допрецизирање на делот кој им се запира на граѓаните на име на долг. За волја на вистината мора да признам дека во овие две законски решенија постојат правила како и колку може да се запираат средства на овие категории но очигледно дека истото не се почитува и затоа е потребно допрецизирање“, порача Насер Зибери.

Зибери истакна и дека во изминатата година констатирани се кршења на човековите права, а се забележани и бројни повреди на детските права во кои има и случаи на дискриминација.