Во време кога ниту власта, ниту опозицијата немаат парламентарно мнозинство, не се знае што ќе се случи со Предлог-буџетот за 2022 година. Неизвесно е дали ќе има мнозинство од 61 пратеник за да се изгласа буџетот. Од СДСМ се убедени дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да блокира.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија амандмани за предлог-законот, но не прецизираа колку, бидејќи како што велат, буџетот е нереален.
Собранискиот спикер, Талат Џафери во гостување во емисијата „Клик Плус“, изјави дека не очекува проблем при гласањето на буџетот, бидејќи додека законот да стаса на пленарна седница на гласање, веќе ќе се знае кој го има парламентарното мнозинство.
„На пленарна седница се очекува да се најде некаде од 1 декември. Расправата на пленарната седница ќе трае 5 дена. Значи, ако седницата за буџетот се свика на 1 декември, тогаш на 5 декември, петтиот ден од расправата до 24 часот, буџетот мора да се затвори и да се изгласа“, вели Талат Џафери.
Се очекува на 15 ноември да почне Комисијата за финансирање и буџет, а дебатата треба да трае до 10 дена, за потоа да премине на пленарна седница на гласање. Буџетот кој Владата го достави до Собрание, предвидува следната година во државната каса да инкасира 3.9 милијарди евра, а во исто време да потроши 4.4 милијарди евра. Буџетскиот дефицит за 2022 година ќе надмине 500 милиони евра. Според Владата, овие половина милијарди евра кои ги немаме и кои ќе треба да ги позајмиме, ќе бидат наменети за капитални проекти.
