Неколку сцени снимени во „Македониумот“, за спотот на песната „Секси мама“ на пејачот Дон Џони, доведоа до разрешување на директорот и целиот Управен одбор на овој културен споменик во Крушево.
Откако се дозна дека просторот на „Македониумот“ бил издаден под закуп за снимање за само 500 евра, а по бројните реакции во јавноста, премиерот Христијан Мицкоски најави разрешувања.
„Навистина тоа коешто таму се случило, претставува нешто коешто не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани користени за такви намени. Јас им се извинувам на граѓаните за тоа што тој пропуст е направен и ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори.“, вели Христијан Мицкоски.
Министерот за култура, Седат Сулејмани, рече дека Министерството е во процес на собирање информации за случајот, по што ќе се постапи.
„Имаме еден случај пред себе што стварно е чувствителен, но за тоа ќе треба да видиме со правните служби, како можеме понатака, ако треба, некоја законска измена да се прави, бидејќи законски си имаат право да изнајмуваат, но сепак директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти, треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина“, вели Седат Сулејмани.
Реакции стигнаа и од опозицијата, од младите социјалдемократи.
„Прво му ставија окови, а сега го сквернават споменот на Никола Карев и Крушевската Република. Не е важно од каде е раперот, важна е содржината и суштината. А уште поважно е, кој дозволил. Одговорност мора да има. Ние, како млади социјалдемократи, бараме промена на директорот од ЗНАМ.“, вели СДММ.
А директорот на Музејот во Крушево, Миха Оџаклиески, не чекаше министерот да преземе некаков чекор. Тој самиот поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Оџаклиески изјави дека во текот на постапката не бил прекршен ниту еден закон, правилник или акт, но прифати морална и етичка одговорност за начинот на кој одлуката била перцепирана од јавноста.
Инаку, „Македониумот“ е заштитено културно наследство на државата.
