Буџетот на Министерството за економија за 2023 е 19 милиони евра, за мерки за справување со енергетската криза 3,2 милиони евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вкупниот буџет на Министерството за економија за следната година е предвидено да изнесува околу 19 милиони евра. Обезбедени се 3,2 милиони евра за реализација на мерки за справување со енергетската криза и поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Ова е, како што посочи, речиси три пати пати повеќе од средствата предвидени во 2022 година за оваа намена од 1,1 милион евра.

Бектеши на прес-конференцијата во Владата напомена дека во делот на енергетиката ќе се реализира Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија.

Како што додаде, Министерството и во 2023 година ќе доделува финансиска поддршка за лица со ниски примања, а воедно оваа програма ќе се прошири со други социјално ранливи категории на лица како што се корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

Исто така, програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата опфаќа неколку мерки – надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и надоместување на дел од трошоците за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата.

-Со реализација на наведените мерки ќе се стимулираат домаќинствата за инвестираат во обновливи извори на енергија, со што ќе им се овозможи да ги задоволат своите потреби за потрошувачка на електрична енергија во време на енергетска криза како и да остварат заштеди на финална енергија, преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност во своите домови, рече Бектеши.

Како нова мерка е програмата за надоместување на дел од трошоците за изведба на приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата за 2023 година.

Со оваа програма, како што посочи министерот, ќе се субвенционира дел од вкупните трошоци за изведба на приклучокот на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата во општините каде има развиена дистрибутивна мрежа на природен гас.

Тој додаде дека главна цел на оваа програма е повеќе домаќинства да се приклучат на дистрибутивната мрежа за природен гас, со што ќе се намали пред се потрошувачката на електрична енергија за затоплување. Покрај за домаќинствата, програмата индиректно ќе помогне и за задржување на ликвидноста на јавните претпријатија кои беа најмногу погодени од тековната светска енергетската криза.

-Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енерегија од повластени производители кои користат премија со оглед на фактот што забрзано се градат фотоволтаичните централи на приватно земјиште и на државно земјиште, за што во изминатите години беа објавени два огласи од страна на Министерството за економија, а дел од нив се веќе и пуштени во употреба, рече Бектеши.

Во делот на поддршката на преработувачката индустрија, за 2023 година се предвидени околу половина милион евра за програмата за конкурентност на преработувачката индустрија и општествена одговорност.

Средствата се наменети за имплементација на индустриска стратегија, имплементација на општествена одговорност, имплементација на паметна специјализација и имплементација на извозна стратегија.

За поддршка на малите и средни претпријатија следната година во буџетот на Министерството за економија се предвидени еден милион евра, односно 62 милиони денари за Програма за развој на претрпиемништвото и конкурентноста на малите и средни претрпијатија.

-Со програмата се предвидува финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, субвенционирање на трошоци на занаетчии, финансиска поддршка за женско претприемништво за дигитализација на деловните процеси, поддршка и развој на интернационализација на МСП, киофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството како и кофинансирање на програмски активности на мрежите на бизнис ангели, рече Бектеши.

Во делот на поддршка на туризмот со предлог буџетот на Министерството за економија за 2023 година се предвидени 385 илјади евра за Програмата за развој на туризмот.

Министерот потенцираше дека клучни проекти се подготовка на национална стратегија и акциски план за развој на туризмот на Северна Македонија за 2023-2028 година, поддршка на Активен туризам, субвенции за туристички цели на селски домаќинства, финансиска поддршка за женско претприемништво во туризмот, субвенции за дигитализација на туристичко/угостителскиот сектор, организирање на Конференции и изготвување на студија за развој на човечките ресурси замена на кадар согласно понудата и побарувачката во туризмот и угостителството во земјава.

За следната година, за реализација на инвестиции во гасоводната мрежа преку АД НЕР предвидени се 3,3 милиони евра. Овие средства се наменети за реализација на проектите Интерконекција Северна Македонија-Грција, Северна Македонија-Косово, Северна Македонија Србија како и ЛНГ Терминалот Александрополис, Грција.

-Реализацијата на гасоводната интерконекција ќе придонесе за безбедност, одржливост и конкурентност на енергетската политика на Унијата, диверзификација на снабдувањето со природен гас во Република Северна Македонија, конкурентност на пазарот на природен гас, интеграција на пазарот со цел да им се овозможи на потрошувачите во нашата држава да имаат слични цени на гас како оние во соседните земји, поврзување на Република Северна Македонија со регионот, развој на регионот во однос на искористување на природниот гас како извор на енергија, стабилност во снабдувањето со енергија, пред се во индустријата што ќе доведе до економски развој на сите региони во Република Северна Македонија, додаде Бектеши.

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција потенцираше дека во државата изминативе 12 месеци имало непречено снабдување со електрична енергија и непречно снабдување со храна, а немало ценовен шок за граѓаните.

-Никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата. Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата, за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи како и за замена на ПВЦ алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции со обновливите извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја но и да имаат заштеда во време на криза, рече Ковачевски.

Најважно е, како што рече, да се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.

-Во изминативе 12 месеци се вложивме максимално. Донесовме навремени, таргетирани, антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, додаде Ковачевски.