Тетово ќе го има најголемиот буџет во историјата на општината. Тој ќе изнесува речиси 50 милиони евра, вклучувајќи ја и помошта од Владата од унгарскиот заем, од кои Тетово ќе добие околу 11,5 милиони евра.
„Како предлог буџет можам да кажам дека тоа е најголемиот буџет во историјата на општина Тетово, околу 50 милиони евра, поточно 48,5 милиони евра, од кои 37 милиони се предвидени за оваа година, а 11,5 милиони евра се средства кои припаѓаат на општина Тетово за во 2025 година за капитални инвестиции од страна на владата и од моментот кога ќе ги имаме договорите и одобрувањето на проектите ќе бидат дел од буџетот со следниот ребаланс“, додаде Биљал Касами.
Според Касами, со овие средства ќе се градат патишта, училишта, базени и канализација.
„Изградба на средно текстилно училиште како што е познато, проект кој ќе чини 5 милиони евра и кој ќе биде финансиран од владини средства за 2024 година, со која имаме потпишано договор и делумно од владините средства за 2025 година. Предвидено е и асфалтирање на Попова шапка, новиот пат, изградба на два базени во основните училишта во Тетово „Кирил“ и „Наим Фрашери“ и 4 милиони евра за изградба на патишта, асфалтирање и изградба на нови патишта и две атмосферски канализации, во населба „Дарданија“ и на патот во Фалише“, вели Биљал Касами.
Во општина Тетово денеска се одржа последната расправа за предлог-буџетот, а се очекува во понеделник буџетот да се најде пред општинските советници каде се очекува да помине.