Штабот за вонредни ситуации на Бања Лука, ги повика сите сограѓани кои поседуваат моторни санки да се придружат и да помогнат во испораката на храна и лекови до ранливото население во областа Бања Лука и Кнежево.
Поради обилните врнежи од снег Градскиот штаб за вонредни состојби пред два дена прогласи вонредна состојба и елементарна непогода за повеќе месни заедници.
Од утрово со помош на хеликоптерската служба на Република Српска до ранливото население на висорамнината Мањача се доставува храна и лекови.
Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ соопшти дека ја прифатил оставката на раководителот на Секторот за патен сообраќај поради неуспехот на зимската служба, и на координаторите за урбани и рурални средини, како и на директорот за технички работи на Одделението за чистота надлежно за зимската служба.
Станивуковиќ изјави дека и денеска нема струја во повеќето приградски и рурални средини на Бања Лука.
