Буџетот за 2027 со рекордни 7,2 милијарди евра: Власта вели наменет е за проекти и граѓаните, опозицијата критикува дека е неразвоен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог буџетот за идната 2027 година е насочен кон обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст со јасен фокус на развојните инвестиции, редовно исполнување на обврските кон граѓаните и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Ова го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи го предлог буџетот за идната 2027 година, која рече дека буџетот се носи во услови на глобална нестабилност и ценовни притисоци.

„Нашата определба останува јасна, постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции. Предлог буџетот за 2027 година е конзистентен со среднорочните фискални проекции и фискалната стратегија за 2027- 2031 година. Основната цел е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече Димитриеска – Кочоска.

Опозицијата со критики, вели дека предлог буџетот е неразвоен а државата издвојува огромни средства за да ја одржува економијата.

„Вкупните расходи достигнуваат 440,44 милијарди денари, од нив 399,6 милијарди се тековни расходи а 40,8 милијарди се капитални расходи. Тоа значи дека речиси 91% од расходите се наменети за тековно функционирање на системот, додека 9,3% непосредно се издвојуваат за капитални вложувања. Државата издвојува огромни средства за да ја одржува економијата каква што е“, оцени прaтеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.

Од ВМРО-ДПМНЕ застанаа во одбрана на предлог – буџетот, оценувајќи дека тој е наменет за развој, како и исплата на плати и пензии, но и обврски за плаќање на долгови од околу 2 милијарди евра.

„Ова е буџет кој што решава проблеми, создава развој, повисоки плати, пензии, стипендии. Буџет за проекти и буџет за развој. Но за да зборуваме за нови можности, најпрво мора отворено да зборуваме и за обврските. Државниот буџет не почнува од нула на први јануари. Тој ги носи и долговите што доспеваат, каматите што мора да се платат и потребата јавните финансии да останат стабилни“, нагласи пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

За буџетот зборуваа и од Фискалниот совет, кои генерално се задржаа на тоа дека дефицитот во идната година е проектиран на 3,5 проценти од БДП или над 700 милиони евра, односно критиките се дека повторно дефицитот е над капиталните инвестиции кои се проектирани на 660 милиони евра.