Бугарија ќе ја блокира С. Македонија?! – МНР нема коментар, македонскиот јазик и историјата услови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за надворешни работи вели дека до нив нема стигнато никаков документ со услови за кои во јавноста се тврди дека официјална Софија го пратила до Европската унија. Од кабинетот на шефот на дипломатијата Бујар Османи велат дека тие нема да коментираат, бидејќи не се знае дали тој документ е автентичен и доколку постои тој е само некаков нон-пејпер меѓу Бугарија и Европската унија.

„Ние немаме таков документ, тоа не е доставено до нас и не знаеме дали е тоа автентично и затоа засега нема да го коментираме. Тоа доколку е автентичен е интерен документ меѓу Бугарија и Европската унија. Тие преку такви нон-пејпер документи разговараат додека ја формираат преговарачката рамка што се подготвува за нашата земја. Ние очекуваме дека Бугарија ќе остане на ставот дека ќе го поддржи почетокот на преговорите и не се очекува да го попречува. Очекуваме да ја добиеме поддршката и преговарачката рамка“, велат од МНР.

Неофицијално, во меморандумот кој од Бугарија бил испратен до земјите членки на Европската унија се наведени два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик, пренесува Радио Слободна Европа. Во него Бугарија барала поддршка за своите позиции во кој наведува дека билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачката рамка во поглавјето 35.

„Тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи. Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира гореспоменатите политики, навремено да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење, за да се изврши непотребен притисок врз Бугарија. Ова ќе биде предуслов за добивање согласност од Бугарија за кој било понатамошен чекор во процесот на интеграцијата“, се вели во бугарскиот меморандум.

Во документот било наведено дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и дека е дијалект на бугарскиот.

„Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, се додава во меморандумот.

Дали ова значи дека Бугарија ќе го блокира патот на земјава кон Европската унија? Одредени бугарски функционери најавуваат такво нешто, како што се европратеникот од Бугарија, Ковачев и министерот одбрана Каракачанов.

Токму денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен одлуката за отворање на преговорите ја нарече историска.

„Одлуката пред 6 месеци да се започнат пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија беше навистина историска. Навистина, иднината на целиот регион лежи во Европската Унија. Ние делиме иста историја, ние делиме иста судбина. Западен Балкан е дел од Европа. И тоа не е само попатна патека на патот на свилата“, изјави Урсула Фон Дер Лајен.

Наскоро се очекува македонско-бугарската мешовита комисија да одржи состанок на кој повторно ќе се разговара за отворени прашања. Копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев вели дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи. За можното блокирање на стартот на преговорите на Македонија со Европската унија вели дека тоа би било погрешна политичка одлука што може да нанесе голем удар на односите меѓу двете земји.