Бугарија на комисиска расправа – власта е подготвена, Милошоски чека материјали од МНР

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За сега се уште е неизвесно кога во Собранието ќе се расправа околу разговорите што се водат со Бугарија за отворените прашања. Уште понеизвесно е на која Комисија владините претставници ќе одговараат пред пратениците дали на Комисијата за надворешна политика која ја предводи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ или на Комисијата за европски прашања со која претседава Арбер Адеми од ДУИ. На агендата на Собранието засега не е закажана расправа за ова прашање. Милошоски за Тв21 вели дека не ја закажал седницата бидејќи се уште го чека документите што Македонија и Бугарија ги разменија изминатиов период.

„До Комисијата за надворешна политика, како матично работно тело, се уште не стигнале материјалите кои ги побарав од МНР, а тоа се дополнителните документи кои владите на Заев и Борисов ги преговарале во прилог на Договорот за добрососедство. Кога ќе ги добиеме овие засега тајни и контроверзни документи, ќе им ги доставиме на пратениците и ќе закажеме седница согласно Деловникот. Доколку Владата нема што да крие од народот, очекувам седницата да биде отворена за јавноста“, вели Антонио Милошоски – пратеник и претседател на комисија за надворешна политика

Османи деновиве му порача на Милошоски дека е подготвен да реферира пред Комисијата за сите прашања од надворешната политика. Потврда стигна и од Владата од каде велат дека се подготвени пред  пратениците да презентираат информации поврзани со преговорите со Бугарија, за што и пратениците од мнозинството очекуваат да се одржи расправата.

„Ние како мнозинство во парламентот секогаш сме спремни за надминување на проблемите и за решавање на проблемот кој што го имаме со Република Бугарија, односно со Софија. Така што нашата цел како Влада е влез во Европска Унија“, вели Даниела Маркоска – пратеничка од СДСМ.

Претседателот Пендаровски во интервјуто за МИА најави дека се очекува расправа на собраниската комисија за преговорите со официјална Софија. Можно е на неа да се презентираат и што содржат акциските планови оној на Македонија како и последниот документ од Бугарија, за кој Пендаровски рече дека повторно се содржани бугарските барања околу македонскиот јазик и идентитет.