„Бугарија не бара измена на Уставот“ – Заев: Имаме договор, Комисијата да изнајде решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија не бара измена на Уставот на Северна Македонија и нема потреба за нов договор меѓу Скопје и Софија, уверува премиерот Зоран Заев.

Дека евентуален нов договор со Бугарија може да донесе и уставни измени, пред неколку дена рече и опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Но, ова го негираше и шефот на дипломатијата, Бујар Османи во емисијата „Клик Плус“, кој пред неколку дена ја посети Софија, каде се сретна со бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. Османи од разговорот со нив дошол до заклучок дека има простор, желба и совест за важноста на моментот.

„Сакаме да бидеме транспарентни и инклузивни во однос на опозицијата. Јас сум подготвен да комуницирам со опозицијата и да ја известам за сите детали, доколку е добронамерна иницијатива, а не да се злоупотребува за дневни политики. Ако целта е добра да се помогне за надминување на оваа пречка на државата“, вели Бујар Османи.

Османи е подготвен да биде транспарентен со опозицијата околу прашањето со Бугарија, но Заев одбива лидерска средба.

Интензитетот на спорот со Бугарија расте. Бугарскиот Претседател, Румен Радев, настојува дека нема компромис за јазикот, идентитетот и историјата. Ова го доведува под знак прашалник стартот на пристапните преговори меѓу Скопје и Брисел во декември. Премиерот денеска повтори дека е можно првата Меѓувладина конференција да не се одржи бидејќи може да се случи Бугарија да не даде зелено светло. Сепак Заев сѐ уште има надеж за решение – заедничката комисија за историски прашања да напредува во својата работа, а истовремено очекува Бугарија да го признае постоењето на македонскиот јазик и народ.