Пристигнуваат нови пораки од Бугарија дека Софија не отстапува од веќе договореното. Бугарскиот претседател Румен Радев во разговор со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, разговарал за евроинтеграцијата на регионот, а се осврнал и на Македонија.
„Претседателот Радев изрази надеж дека во најскоро време државното раководство на Република Северна Македонија ќе пројави политичка волја за исполнување на европскиот консензус од 2022 година, со што ќе се отвори патот на државата кон преговори за полноправно членство во Европската Унија.“, порачаа од Кабинетот на Румен Радев.
Премиерот Христијан Мицкоски и дел од министрите беа во посета на САД, каде, како што информираа, лобирале за важните прашања за нас и за евроинтеграцијата. Поранешиот амбасадор во Франција, Нано Ружин, смета дека претседателот Доналд Трамп ќе решава други светски прашања.
„Јас сум сепак песимист по ова прашање, зашто Европската Унија цврсто е решена да го истера до крај тоа што е потпишано, односно да дојде до смена на Уставот доколку сакаме да продолжиме со преговорите со Европската Унија.“ , вели Нано Ружин.
Од друга страна, поранешниот прв човек на Советот на амбасадори, Мухамед Халили е оптимист дека преговорите за членство можат да започнат оваа година.
„Иднината ќе дојде, прво ако се исполнат сите критериуми што ги постави ЕУ за Македонија, второ, ако Бугарија некако се покае и направи отстапки за да не ги исполниме сите нејзини барања, бидејќи се знае, критериумот на Владата е „да“ за уставните измени, но со одложен рок.“, вели Мухамед Халили.
Инаку, покрај претседателот Радев и новоизбраниот бугарски премиер Росен Жељазков истакна дека тие ќе се држат до постоечките договори, иако Скопје очекува да започне дијалог со Софија што би овозможил уставни измени со одложено дејство или друг вид на гаранции за европскиот пат.
