Градоначалникот Лукровски додели признанија на заслужни граѓани по повод 50-годишниот јубилеј на Карпош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Половина век од своето постоење одбележа Општина Карпош со свечена манифестација на која беа собрани претставници на институциите, дипломатскиот кор, културниот и општествениот живот, како и делегации од збратимените и пријателските општини од регионот.

Јубилејот беше одбележан синоќа со гала-вечер во хотелот „Александар Палас“, на која присуствуваа градоначалникот Сотир Лукровски, членовите на Советот и претставници на општинската администрација, како и гости од Травник, Стари Град Сараево, Врњачка Бања и Тиват. Присуствуваа и претставници од пријателските општини Живинице и Витина.

Во своето обраќање, градоначалникот Лукровски истакна дека Карпош низ петдецениското постоење се развивал како заедница што ги поврзува граѓаните и создава можности за нови иницијативи.

„Нашата амбиција е таа традиција да ја продолжиме и надградиме. Затоа, Општината ќе продолжи да ги поддржува креативните идеи, да ги охрабрува локалните иницијативи и да создава простор за сите граѓани да бидат дел од одлуките што го обликуваат нивното секојдневие“, порача Лукровски.

Тој им оддаде признание и на поранешните градоначалници, советници и вработени во општината, кои со својата работа и ангажман придонеле за развојот на Карпош.

По повод јубилејот, беа доделени признанија на Противпожарната бригада – пункт Тафталиџе, ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ – Итна медицинска помош и Полициската станица од општа надлежност – Карпош, за нивната долгогодишна соработка и придонес во интерес на граѓаните.

Посебни награди добија и тројца истакнати професионалци. Тоде Саздов од Противпожарната бригада беше награден за пожртвуваноста и професионалноста во заштитата и спасувањето на граѓаните, нивниот имот и животната средина. Признание доби и пензионираниот проф. д-р Василаки Карабашев за придонесот во здравствената заштита и укажувањето итна медицинска помош, како и полицискиот службеник Филип Мирчевски за ангажманот во одржувањето на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.

Во рамки на свеченоста беа прогласени и осум заслужни граѓани на Општина Карпош за 2026 година.

Меѓу добитниците се атлетичарката Мирјана Василевска Ташковска, музичарот Пантелеј Кочовски, фудбалерот Ванчо Балевски, оперскиот пејач Благој Нацоски и пејачот и текстописец Александар Митевски, за нивните достигнувања и придонес во спортот, музиката и културата.

Постхумно признание за заслужни граѓани добија актерката Анче Џамбазова, писателот Живко Чинго и архитектот, писател и просветител Георги Константиновски, за нивното трајно наследство и придонес во македонската култура, уметност, литература и архитектура.

Дел од програмата беше посветен и на најмладите. Четворица ученици и тројца наставници од ООУ „Димо Хаџи Димов“ добија благодарници за подготовката на мултимедијално изненадување по повод јубилејот.

Свечената вечер беше збогатена со музички и сценски настапи на македонски изведувачи. Посебно внимание привлече детскиот хор „Златно славејче“, кој заедно со женскиот хор „Фрида“, под водство на Драган Спасов Дав и Александар Митевски, ја изведе песната посветена на Карпош како роденденска честитка за општината.