Бугарија нема да има нови барања – несогласувања меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ за рок за уставните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наспроти тврдењата на коалицијата „Вреди“ дека остануваат на т.н. шестмесечен рок во однос на прашањето за уставните измени, премиерот Христијан Мицкоски одговори дека тој не работи со ултиматуми.

Кога неодамна се реактуелизираше идејата за уставни измени со одложена примена, од „Вреди“ во писмен одговор, го поздравија ВМРО-ДПМНЕ што размислува за модалитети и додадоа дека остануваат на зададениот рок, по што ќе размислуваат за наредните чекори.

„Јас верувам во првите 6 месеци на новата Влада, премиерот ќе го открие моделот според кој ќе се најде решение за уставните измени, за тие да се реализираат и конечно да ги отвориме преговорите со ЕУ. Знаеме дека преговарачката рамка е тоа што е, таа е неопходна, сакам да кажам дека се анализираат различни модели, и со вклучување на меѓународната заедница, за да излеземе со конечно решение“, вели Арбен Фетаи.

„Јас со рокови и ултиматуми не функционирам во животот. Нашиот став е принципилен и јасен и тоа го знае цела Европа, цел свет го знае и беше во програмата на партијата на изборите. Ние добивме гласови од граѓаните, не добивме гласови како резултат на ултиматуми. Јас така не функционирам, ниту ВМРО-ДПМНЕ.“, вели Христијан Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче побара Мицкоски да одговори дали кога неодмана разговорал со бугарските државници Румен Радев и Димитар Главчев успеал да обезбеди подобри услови во преговорите со ЕУ.

„Тие ветија подобри услови во преговорите и подобра преговарачка рамка. Ние ова ќе го чекаме и ќе го поддржиме секој напор ова да с епостигне и ВМРО-ДПМНЕ согласно ветувањето, но нема да поддржиме блокада на процесот со некаков ваков изговор.“, вели Венко Филипче.

Инаку, бугарското МНР вчера соопшти дека заменикот министер за надворешни работи Иван Кондов се сретнал со специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Кондов кажал дека Бугарија нема да отстапи од досега договореното и ја повика земјава да го почитува консензусот постигнат во 2022-рата година. Кондов исто така го уверил Сарацин дека Бугарија нема намери да поставува нови барања, а неисполнувањето на досега преземените обврски единствено го кочи евроинтегративниот процес на Македонија.