Бугарија со нов нестабилен парламент – се очекува формирање Влада со која ќе треба да преговара Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Конституиран е 46 состав на парламентот на Бугарија. 240 пратеници дадоа заклетва. Со 137 гласа ЗА, за претседател е избрана Митева од партијата Има таков народ. Се очекува да предложи пратениците да не земаат годишен одмор, бидејќи последниве месеци парламентот не работеше. Потпретседателот на партијата Има таков народ, која доби најмногу мандати, Тошков Јорданов, даде надеж дека за две недели ќе се формира владата.

„Следните 14-15 дена, треба да имаме влада за да продолжи со работа привремениот кабинет. Доколку не, можноста да се оди на предвремени избори е висока“, истакна Тошков Јорданов.

Коалицијата ГЕРБ- СДС, чиј член е и екс премиерот Бојко Борисов се стреми да остане во опозиција. Десислава Атанасова, рече дека сложената задача поставена од бугарсктоо општество нема да ја реши ниту 46 состав на парламентот.

„Ние сме сведоци на цепкањето на политичкиот систем и неможност за формирање влада. Пратеничката  група би била силна опозиција а нашиот противник би биле “хаосот и неработењето“, посочи Десислава Атанасова.

Оној што го спомна спорот меѓу Скопје и Софија беше Христо Иванов од Демократска Бугарија. Тој рече дека мора да има дијалог со оние со кои гледаме во ист правец.

„Овој парламент треба да го заштити националниот бугарски интерес во врска со Република Северна Македонија, за да се заштити себеси, но исто така за да најде начин заедно да станеме членови на европското семејство“, вели Христо Иванов.

По завршувањето на конститутивната седница на народното собрание, новоизбраната претседателка рече дека овој парламент веќе нема да биде така лесен како претходниот. Како што соопшти дописникот на МИА од Софија, Митева очекува претседателот на Бугарија наскоро да почне со процедура за формирање нова влада во земјата. Претседателот Румен Радев при влегување во собранието изрази убеденост дека овој пат парламентарните партии ќе формираат функционална влада. “Задачите и пораките се исти како и пред 3 месеци“, додаде тој. И привремениот премиерт, Стефан Јанев, по завршувањето на конститутивната седница рече дека се надева дека за кратко време ќе се формира функционална влада. Заедно со Софија,љубопитност и во Скопје за трекот на формирање бугарска влада.

„Многу е важно да се формираат институциите на Р. Бугарија за да може да има дијалог кој ќе произведе резултати. Јас постојано бев на ставот дека техничката влада може да даде резултати бидејќи и меѓувладината конференција е технички процес. Веќе имаме политичка одлука за почеток на преговорите но како што се гледа, објективно или користејќи го како аргумент, бидејќи се покажа дека во услови на немање Собрание и Влада, нема можност да се надмине ова прашање, и од тука примарно е дали од ова собрание кое е конституирано денеска да се формираат институции и да има влада“, посочи Бујар Османи.

Министерот Османи зборуваше и за средбата во Дубровник со заменик министерот на Бугарија за надворешни работи со кого зборувал дека по формирањето влада во Бугарија веднаш ќе започне комуникација за патоказот за решавање на спорот,  со помош и на словенечкото претседателство и за други прашања.