Бугарската агенција за безбедност на храната го запрела влезот на пазарот на Европската Унија на пратка од 9 илјади и 502 килограми пиперки од Македонија, поради зголемени нивоа на остатоци од пестициди.
Пратката ќе биде испратена на уништување, додека контролите се извршени во рамки на засилениот мониторинг на свежото овошје и зеленчук што влегува на бугарскиот пазар.
Според бугарските власти, досега се запрени две пратки со пиперки од Македонија, со тежина од над 21 тон, поради непочитување на барањата за безбедност на храната.
Во истиот период, запрена е и пратка од 19 илјади и 200 килограми грозје од Турција, која ќе биде вратена во земјата на потекло. Засилените контроли на овошјето и зеленчукот ќе продолжат.
