Бугарската јавност затечена од резултатите – 19.000 лица кажале дека имаат македонско и бугарско државјанство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

3.504 граѓани во Македонија се изјасниле како Бугари, од кои 1.519 рекле дека бугарскиот јазик им е мајчин. Според заменик директорот на Државниот завод за статистика Илми Селами во дијаспората како Бугари се изјасниле 400 лица, што вкупно со резидентите се околу 4.400.

„Мене ме интересираше и едно друго прашање, за да се знае дали е „играно“ со тезата дека ќе се изјаснам како Македонец, и кога ќе ме прашат дали имаш друго државјанство освен македонското кажале дека имаат и бугарско. Го земав и овој податок. Лица со двојно државјанство, македонско и бугарско, се помалку од 19,000, што значи 19 илјади плус 4,500, но овие 19,000 не кажале дека се Бугари. Јас можам да имам германско државјанство, но не сум Германец, и ако живеам таму…“, вели Илми Селами.

За демографот Дончо Герасимовски етно-културолошките појави се определба на самата личност и тоа е слободно изјаснување.

„Чувството и потребата дали се чувствува по една, друга или трета етничка припадност е слободно изразување на самиот граѓанин односно на лицето кое што дава податоци. Според тоа, ние може да кажуваме, негираме или да се појавуваат одредени состојби, но тоа е она што е пријавено, тоа е искажано, тоа е она што самиот граѓанин се изјаснил на самиот попис“, вели Дончо Герасимовски.

Бугарската јавност е затечена од резултатите, оти бројката на пријавени Бугари во Македонија е минорна ако се земе предвид евиденцијата на бугарското Министерство за правда, според кое во последните 15-тина години се издадени повеќе од 100.000 бугарски пасоши на македонски државјани.