Во МНР вчера бил повикан бугарскиот амбасадор од кого било побарано објаснување и темелна истрага за објавувањето на дипломатската нота во јавноста за патување во Пампорово на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски. Ова го потврди министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.
-Очекуваме, не само објаснување, туку една темелна истрага како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи и согласно меѓународното право вакво нешто е неприфатливо во меѓусебните односни на двете држави, независно од тоа што тие имаат меѓусебни политички тензии. Има држави кои што војуваат меѓусебно, па ваков тип на документи не излегуваат во јавност, изјави министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
За случајот се информирани и претставници на нашите стратешки партнери и НАТО, информираше Муцунски изразувајќи сериозна загриженост за ваквите постапки во соседна Бугарија. Ова практично го обелодени премиерот Мицкоски, пред неколку дена, кога прашан за сигналите од Бугарија за меѓусебните односи рече дека мисли дека состојбата се радикализира. Одговор за реакцијата од бугарското МНР се уште нема.
Што се однесува до односите, но и политичките пораки од Софија, Муцунски вели дека очигледно е дека двете страни имаат различни ставови.
-Очигледно е дека по прашањето поврзано со европските интеграции имаме навистина различен став и различна интерпретација на тоа што се наши и европски обврски и треба да се најде соодветен механизам да се разјасни сето тоа. Но, за нас што е битно, да се постават цврсти гаранции дека ние нема да влеземе во еден постојан процес на билатерализација како што сме повеќе од 30-тина години како држава, изјави министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
Овој став на Муцунски доаѓа по изјавата на Михаела Доцова, претседателка на бугарското собрание, која порача дека Бугарија и Македонија нема за што да репреговараат. Taa oва го изјави по средбата со Африм Гаши на маргините на 13-тата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, која се одржа во Софија.
-Постигнатиот европски консенсуз од 2022 година, се условите кои се договорени за членството на Северна Македонија во Европската унија и тоа не подлежи на репреговарање. Исто така неопходно е да се направат потребните уставни измени во Северна Македонија, изјави претседателката на Собранието на Бугарија, Михаела Доцова.
Инаку, во текот на денот Муцунски одржа прес конференција на која зборуваше за неговиот двегодишен мандат. Министерот нагласи дека државата била првата европска земја која одржала сесија на стратешкиот дијалог со новата администрација на Соединетите Американски Држави. Тој потсети и на склучените договори за стратешка соработка со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, како и на потпишаниот Меморандум за соработка со Обединетите Арапски Емирати. Одговарајќи на новинарски прашања министерот рече дека во моментов 12 испразнаети амбасадорски места се во постапка на пополнување, а за 16 трае фазата на консултации за нивно пополнување. За Софија има определено кандидат од редот на професионалните дипломати
