Бугарскиот премиер Димитар Главчев му порачал на премиерот Христијан Мицкоски дека Софија не го менува ставот во однос на критериумите за евроинтеграцијата на земјава. Двајцата присуствуваа на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел и како што вели Главчев, за било каков дијалог меѓу двете земји, најпрвин треба да се намали острината во изјавите пред јавноста.
„Говорот на омраза не би требало да се употребува. Прво со него треба да започнеме, за да можеме да водиме било какви други дијалози. Но, нашиот став не е променет, како што ви кажав и вчера, нема промена во ставот, но ајде да започнеме со добрите европски манири и добриот европски тон кој би требало да го има меѓу земја-членка и земја-кандидат“, изјави Димитар Главчев, премиер на Бугарија.
Бугарските новинари го прашаа нивниот премиер на кој јазик зборувал со Мицкоски.
„Јас на бугарски зборувам, а тој ќе каже на каков јазик зборува“, изјави Димитар Главчев, премиер на Бугарија.
Мицкоски вчера оствари билатерална средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас. Тој и пренел дека постојат стравови на патот кон Унијата и потенцирал дека во пристапниот процес не смее да има билатерални прашања и некој да го оспорува идентитот и јазикот. По одржувањето на Самитот, првиот човек на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, говорејќи за билатералните спорови меѓу членки и кандидатките, истакна дека проширувањето е геополитичка инвестиција.
„Билатерализацијата не е фер начин за да се употребува во пристапувањето и треба да се избегнува. Лично ќе се ангажирам да се обидам да се надминат билатералните проблеми“, изјави претседателот на европскиот совет, Антонио Кошта.
Последно, во заклучоците од Советот на Унијата беше истакнато дека Македонија треба да го забрза процесот на уставни измени за да продолжи по патот кон Унијата. Сепак, во меѓувреме течат дискусии зад затворени врати околу можноста за т.н. креативно решение, кое би ги задоволило барањата на Скопје после отворањето на Уставот да нема нови препреки до зачленувањето во Унијата.
