Бугарските клубови пред краен рок – Трендафилов: Не разговаравме со Османи многу за промената на имињата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По едночасовната средба во Министерството нема конкретни детали за тоа дали ќе биде запазен рокот што произлегува од неодамна усвоениот закон за здруженија со што бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ треба да ги сменат имињата поради контроверзноста на личностите со кои се именувани.  Неофицијално клубот во Охрид Цар Борис веќе поднел документација за смена на името, но клубот  „Ванчо Михајлов“ од Битола одбива да го смени името и најавуваат дека за тоа ќе се обратат и до меѓународните судови. Иако Љупчо Горгиевски претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“ беше на средбата тој одби да даде изјава, но ваквите информации ги потврди Ѓорѓи Трендафилов претставник на бугарската заедница во Македонија, кој рече дека на средбата многу малку се разговарало за тоа.

„Не посебно, јас ја видов изјавата за Дојче веле мислам од господинот Горгиевски дека тие немаат намера да отстапат во овој момент и дека презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање. Ќе видиме што ќе се случи понатаму“, вели Ѓорѓи Трендафилов.

Во кусото соопштение од МНР само велат дека средбата поминала во позитивна атмосфера, но нема ниту збор за тоа дали е разговарано на оваа тема и дали Османи добил уверување од Трендафилов и Горгиевски дека овие клубови ќе бидат преименувани.

„На средбата која помина во позитивна атмосфера беа разменети мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија. Беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор“, велат од МНР.

Трендафилов рече и дека го известиле министерот Османи за средбата што ја имале во Брисел со еврокомесарот Оливер Вархеји и со групации на Европскиот парламент за да се смират тензиите на релација Скопје – Софија и да продолжат да се спроведуваат одредбите од  Договорот. Ставовите кои во последен период ги изнесува Трендафилов се дека Бугарите во земјава биле стигматизирани, но неодамна Советот на Европа усвои Резолуција во која се наведува дека не постои дискриминација на малцинствата во Македонија.

„Јас се уште не сум го видел извештајот од Советот на Европа. Колку што знам од медиумите станува збор за тоа дека не постои системска дискриминација. Мое право е да не се согласам со таа констатација, но тоа не е нешто што треба да биде топ тема на нашата активност“, вели Ѓорѓи Трендафилов.

 Инаку, пред три месеци во Собранието беа усвоени измените на Законот за здруженија според кои се забранува употреба на имиња кои поддржуваат фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Доколку здруженијата не го усогласат името со новите одредби министерот за правда е задолжен да донесе одлука за престанок на постоење на здружението, а Централниот регистер да ги избрише.