За да ја добие бугарската поддршка за евроатлантскиот пат, Северна Македонија мора да ги внесе Бугарите во Устав како национално малцинство, изјави поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со претставници на бугарските организации во Македонија.
„За да одиме напред треба конкретни чекори, со едно решение на Парламентот да се прават промени и Бугарите како Србите, Бошњаците и сите други во Уставот, па продолжуваме да разговараме за важните теми. Тоа е задолжително. Јас не знам зошто воопшто дискутираме за тоа. И тоа ако не го разберат и Мицкоски и Заев…“, истакна Бојко Борисов.
„И Мицкоски и Заев многу искрено зборуваат кога ќе дојдат кај нас , ветуваат сѐ, но кога ќе се вратат дома во Македонија…“
„Е ако е така, со тоа што постигнуваат? И ние кажавме „НЕ“ без тој услов“, додава Бојко Борисов.
По средбата, Борисов на Фејсбук напиша дека „Северна Македонија нема поблизок пријател од Бугарија“ и дека за нив е важно земјата да влезе во ЕУ. Додава дека претставниците на бугарското малцинство во Македонија се жалат дека се чувствуваат како фантоми поради тоа што Претседателот и премиерот ги третираат како да не постојат. Бугарските организации вчера се сретнаа и со бугарскиот Претседател, Румен Радев, кој е во трка за втор мандат за шеф на државата.
„Ние правиме сѐ што е можно, за пријателската земја, најблиската земја, Северна Македонија час поскоро да стане дел од ЕУ, но тоа не може да се направи на сметка ниту на бугарското културно наследство, ниту пак на вашите интереси, кои се и наши“, вели Румен Радев.
Инаку, пред некое време кога беше покренато прашањето за вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, премиерот Зоран Заев, но и министерот за надворешни работи, Бујар Османи се произнесоа дека нема никаков проблем да дојде тоа.
