Бујар Османи противкандидат на Таравари?! Во СДСМ најпрефериран Пендаровски, одлука за 10 дена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако албанската опозиција ја објави кандидатурата на Арбен Таравари за претседател, ТВ21 дознава дека свој кандидат ќе претстави и Демократската унија за интеграција. Се дознава дека внатре во партијата имало дебата дали кандидатот треба да биде партиски или не. Како непартиски се споменуваат Имер Селмани, Абдилменаф Беџети и Беса Арифи. Но, по исцрпувањето на расправата, одлучено е кандидатот да дојде од внатре во партијата, а најсериозно име е актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Запрашан пред неколку дена, Османи рече дека за ова треба да одлучи раководството на партијата.

Претходно се шпекулираше дека ДУИ и СДСМ ќе излезат со консензуален кандидат за претседател, но откако албанската опозиција објави кандидат, ДУИ се повлече од оваа идеја.

Што се однесува до СДСМ, најпопуларно име во партиските ограноци е името на актуелниот претседател Стево Пендаровски, изјави за „Слободен печат“ членот на извршниот одбор на социјалдемократите, Андреј Петров.

Но дали очекува Пендаровски поддршка од ДУИ откако тие го критикуваа за непотпишувањето на законот за игрите на среќа?

На прашањето дали стравува од евентуалниот заеднички кандидат на ДУИ и СДСМ, Арбен Таравари рече дека доволно е да има европска кампања.

-Да го покажеме она што долго време го ветуваме, дека несомнено единствена алтернатива за Македонија е европскиот пат, па затоа со почит кон секој кандидат, ја водиме политичката трка. Кој и да победи, си честитаме, така што ништо лошо, само почит за секој што мисли дека треба да се кандидира за претседател-рече Таравари.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ се уште не го соопшти името на претседателскиот кандидат.

Инаку, досега официјално кандидатури за претседател објавија Арбен Таравари од албанската опозиција, докторот Вело Марковски како независен кандидат и Билјана Ванковска од Левица.