Булеварот „Благоја Тоска“ само ветување – Тетовци се уште чекаат компензција за експропријација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со години се ветува проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово, но се чини дека Тетовци ќе чекаат уште многу време за завршување на овој проект. Проблемот останува ист, експропријација на земјиштето и надоместок за куќите.

ТВ21 разговараше со некои од сопствениците на кои ќе им се отуѓи имотот заради изградба на булеварот. Тие не сакаа да зборуваат пред камера, но велат дека веќе потпишале договор со општина Тетово, но како што велат, општината до сега не извршила исплата за договореното.

Од вкупно 17 имоти низ кои треба да поминува булеварот ќе треба да се урнат 6 куќи. Но општина Тетово до сега компензирала само две од нив и тоа само 5% од договорената сума. Според жителите од оваа зона, парите се пуштаат на рати и со овој ритам на исплата ќе бидат потребни години за да заврши експропријацијата.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи во една изјава во врска со булеварот изјави дека проблем не се средствата за изградба туку, како што рече, експропријацијата.

„Не се проблем средствата за изградба, туку треба што побрзо да ја завршиме експропријацијата“, вели Теута Арифи.

Арифи и во првиот мандат кога го вети овој булевар, поточно на 26 јуни 2014, рече дека компанијата која ќе ја реализира изградбата на булеварот е избрана, но според неа, проблем е експропријацијата.

„Ние избравме компанија, во меѓувреме со другите институции ја решаваме експропријацијата имајќи го предвид фактот дека тој булевар има врска и со имотно – правното прашање“, додава Арифи.

По толку време, жителите се скептични дека овој булевар ќе биде завршен оваа година. Тие велат дека општината ветува, но работите на терен се сосема поинакви.

На оваа улица освен проблемите со инфраструктурата, друг проблем се и автомобилите кои се паркираат на мостот. Освен автомобилите на граѓаните, тука се паркирани и автомобилите на администрацијата на болницата во Тетово.