На 13 февруари годинава, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези, го означија почетокот на градежните активности на булеварот „Видое Смилевски-Бато“. Проектот датира од 2016 година, а беше свечено промовиран еден месец пред изборите кои требаше да се одржат на 12 април.
НОВИНАР: Проектот е од 2016 година. Кога беа обезбедени средствата од Светска банка?
Ширет Елези: Светската банка има стратегија и ова се однесува на претходната стратегија, која беше во периодот 2016-2019. Средствата беа обезбедени во тој период.
Н: Гледаме дека проектот е од 2016 година, рековте дека средстава се обезбедени пред две години, зошто го промовирате токму пред изборите?
Теута Арифи: Светската банка уште тогаш ги направи статистичките проекции и ние изразивме заинтересираност.
Но, по три месеци, булеварот изгледа вака. Градежните активности се стопирани, а и таблата е на земја. ТВ21 неофицијално дознава дека општината ќе треба да изготви нов проект, бидејќи не е предвиден излез од Станицата за технички преглед. Од општина Тетово, уверуваат дека активностите ќе продолжат оваа сабота.
„Во однос на градежните активности на индустрискиот булевар во Тетово, ве известуваме дека поради рестрикциите како последица од пандемијата Ковид-19, беа привремено стопирани, но истите ќе продолжат в сабота на 13.06.2020. Компанијата задолжена за градежните активности нѐ увери дека нема да има доцнење и дека активностите ќе бидат завршени во предвидениот рок од договорот, односно до јануари 2021 година“, велат од Општина Тетово.
Но, ова не е единствениот проект во Тетово кој започна, па беше оставен на пола. Неколку пати беа промовирани градежните активности на булеварот „Благоја Тоска“, како и пуштањето во употреба на булеварот кај тетовската касарна. Деновиве се очекува да започне и работата за Основното училиште во Мала Речица, проект кој неодамна го вети министерот за образование, Арбр Адеми.
