Бурни реакции по бришењето на црвениот картон за фудбалерот на САД Балогун, што си кажале Трамп и Инфантино?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон и суспензијата од еден натпревар за американскиот репрезентативец Фоларин Балогун предизвика бурни реакции и отвори дебата за независноста на фудбалските институции за време на Светското првенство.

Откако дисциплинските органи на ФИФА одлучија Балогун да има право на настап во осминафиналниот натпревар против Белгија, во јавноста се појавија прашања дали врз одлуката влијаеле политички притисоци.

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека лично разговарал со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, но негираше дека барал директна интервенција.

„Единственото што го направив беше да побарам случајот да биде преиспитан. Не му реков: ‘Мора да го направиш ова’“, изјави Трамп од Овалната соба.

Тој оцени дека спорната ситуација не заслужувала исклучување, опишувајќи ја како судир меѓу „двајца фудбалери кои трчале со полна брзина и случајно се судриле“.

Трамп истакна дека конечната одлука ја донела независна комисија и додаде дека, според него, таа постапила правилно. Воедно, тој изрази сомнежи во работата на главниот судија, оценувајќи дека бил „малку сомнителен“ и ги повика новинарите да го истражат неговото минато.

Од своја страна, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, потврди дека разговарал со Трамп, но нагласи дека му објаснил оти случајот се разгледува според утврдените процедури на организацијата.

„Му објаснив дека е во тек правна постапка пред независните судски тела на ФИФА и дека тие ќе донесат одлука во соодветно време“, напиша Инфантино во објава на платформата X.

Тој потенцираше дека токму така функционира системот на ФИФА и дека независноста на нејзините дисциплински органи е принцип што секогаш ќе го брани.

И покрај ваквите уверувања, одлуката за укинување на казната за Балогун продолжува да предизвикува полемики, а дел од спортската јавност смета дека случајот може да остави дамка врз кредибилитетот на Светското првенство.