Со 27 гласа за, ниеден против и ниеден воздржан советниците на општина Чаир на вонредна седница усвоија одлука за меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Чаир за изградба или проширување на улицата Цветан Димов.
Советниците си честитаа и го изразија своето задоволство што конечно ќе се реши овој проблем со кој граѓаните на оваа општина секојдневно се соочуваат, но истовремено имаат дилема околу времетраењето на проектот кој е планирано да трае три години, како и за одредениот буџет.
„Се поставува прашањето дали ќе се реализира во предвидениот рок до 2025 и да бидеме горди на реализиран проект за време на нашиот мандат како советници“, вели Мухамед Красниќи.
„Среќна сум што од оваа улица, Цветан Димов ќе се отстрани ѕидот кого граѓаните го нарекоа ѕид на срамот, кој освен неубавата симболика што ја носи со себе, откако е поставен претставува поголем проблем особено кога треба да помине возило на Брза помош“, вели Нафије Селмани.
Првиот човек на општината, Висар Ганиу им рече на советниците дека овој ѕид на улицата е поставен привремено како решение кое дало добар ефект. Што се однесува до финансиите кои достигнуваат вредност од 2.3 милиони евра за кои Ганиу смета дека се доволни.
„Тоа што го ветивме заедно со вас, денес го реализираме, улицата да добие епитет на вистински булевар во иднина. Оваа улица поврзува околу 140 илјади жители, односно една третина, повеќе од една третина на Град Скопје и ова беше неопходна инвестиција“, додаде Висар Ганиу.
Пред една недела, изградбата на булеварот Цветан Димов доби зелено светло на седницата на Советот на Град Скопје. Ганиу рече дека ќе се свика заедничка прес конференција со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во врска со деталите за овој проект.
