„Чекаме информација од ЕВН дали дел од пожарите се предизвикани од искри од електрични столбови“, вели Милкова од ЦУК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Центарот за управување за кризи денеска во 17 часот одржа прес-конференција, на која ги откри најновите детали околу пожарите низ земјава.

Марија Милкова од секторот за операција на ЦУК, кажа дека екипи на ЕВН се на терен, за да утврдат дали некои пожари настанале од искри од електрични столбови, по информацијата дека на Кокино се појавил нов пожар предизвикан, неофицијално, од таа причина.

„Екипи на ЕВН се на терен и работат да видат дали пожарите се предизвикани од искречење од електрични столбови. Наскоро ќе имаме информација дали тоа е причината. Очекуваме и од нив да ни дадат извештаи да видиме за што точно се работи“, рече Милкова, која кажа дека, сепак, поголемиот дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.