Четирите општини што најавија средства ги усвојуваат буџетите: „Има предвидено пари за Албанската академија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се очекува Албанската академија за науки и уметности да се финансира од општински буџети, преку ставката за пари што се издвојуваат за невладини организации. Неофицијално, ваква е намерата на градоначалниците од општините Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, кои најавија дека дека ќе ја помогнат Академијата со пари од буџетите за 2025 година. Потврда пристигна и од министерот од редовите на „Вреди“, Арбен Таравари.

„Секако дека се предвидени средства од буџетот на општините, четирите општини албански за Академијата за наука и уметност. Тоа е предвидено во буџетот за 2025 година и се надевам дека од идната година тоа ќе биде реализирано.“, изјави Таравари.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински информира дека ставот останува непроменет и ваквиот начин на финансирање е незаконски.

„Сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во суштина во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои.“, изјави Перински.

Претходно, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да дадат поддршка за ваквата идеја за финансирање на Академијата. Од ДУИ пак истакнаа дека темата треба да се реши на централно ниво и негодуваа што Академијата се регистрира како невладина организација.