Четврт век мировна мисија на НАТО во Косово, ситуацијата е мирна, но Србите и натаму протестираат на северот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мировните сили предводени од НАТО од утрово се повторно на улиците во Звечан. Напори за смирување на кризата во Косово се интензивираа во средата, бидејќи етничките Срби одржаа повеќе протести во северниот дел каде што неодамнешните судири со мировниците предводени од НАТО предизвикаа стравувања од обновување на конфликтот. Барањата на Србите се повлекување на специјалната полиција и неодамна избраните функционери Албанци во општината.

На друштвените мрежи се појавија повици од Албанци за марш на мостот кој ги поврзува северот и југот од Митровица. Полицијата во Косово повика да се игнорираат.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изрази надеж дека состанокот на речиси 50 европски лидери во Молдавија ќе испрати „силна порака“ до Русија.

„Мора да инсистираме на тоа дека насилството не е патот и дека тоа мора да биде осудено и дека сторителите мора да одговараат. Сите треба да работат на тоа да се избегне ескалација и некоординирани потези.“, рече Борел.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вели дека е за мир, но додава дека за валцер се потребни двајца и дека не зависи се од него.

„Она што јас го гледам како потег кој би бил најјак и кој би можел да ги реши проблемите се повлекувањето на нелегитимните градоначалници. Знаете дека нив ги избраа приштинските власти и да имаат само 3,4%, но не гласови тоа е вкупната излезност на изборите, тоа го нема никаде на светот и ова треба да биде прв потег, а после тоа ќе имаме повеќе сила да продолжиме со разговорите, не само состојбата да деескалира туку да тргнеме напред.“, изјави Вучиќ.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Србија и криминалните структури се одговорни за ескалацијата на насилството на Косово и дека на Србија не и е местото на овој европски самит, ниту во европската заедница на народи.