„Кај Алах не стигнува ниту нивното месо, ниту нивната крв, туку вашата посветеност и преданост. Тој ги ставил во ваша служба, за да го величате Алах поради тоа што ве насочил по добар пат“.
Со стихот 30 од поглавјето Аџ во Куранот, поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, испрати порака околу значењето од колење курбан за празникот Курбан Бајрам.
Како секоја џамија во светот, па така и „Мустафа-пашината џамија “ во Скопје денеска ги собра муслиманските верници за да ја извршат молитвата по повод денешниот празник. Околу 5 минути пред 6 часот утрово, верниците ја извршија бајрамската молитва.
Поглаварот на ИВЗ, порача дека Курбан Бајрам е празник и посебен ден за целата година и за сите муслимани, празник кој носи радост, солидарност и толеранција во семејството и општеството.
-Да го зајакнеме мирот меѓу нас и целиот свет. Господ да го оттргне злото меѓу луѓето, да ни подари трпение во искушенијата во овој живот. Нека нѐ благослови Алах со своите бесконечни добра. За многу години Курбан Бајрам-рече Фетаху.
Ова е четврти Бајрам по ред како верниците го одбележуваат во услови на пандемија. Муслиманите од целиот свет денеска го слават Курбан Бајрам, познат како празник на жртвата.
Овој неколкудневен празник е еден од двата најважни празници во исламската вера. Ја означува волјата на пророкот Ибрахим да го жртвува својот син, според заповедите на Бога.
Муслиманите го одбележуваат овој ден со колење курбан овца или друго животно. Месото се дели меѓу членовите на семејството, пријателите, а се дава и на сиромашните. Курбан Бајрам се празнува по завршувањето на годишниот аџилак во Мека.
