Чиј список ќе прифати ДИК? На Села или Таравари? – Рокот за доставување на пратенички листи до 2 април

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден и пол месец останува до завршувањето на рокот за поднесување листи за пратеници за парламентарните избори на 8 мај. За ова политичките партии полека ги формираат коалициите  и ги „везат“ листите за пратеници. За претседателските избори рокот за собирање потписи е до 8 март. Доставувањето на кандидатурите треба да се изврши до 19 март. Што се однесува до парламентарните избори, рокот за поднесување листи за кандидати за пратеници е до 2 април.

Во меѓувреме, останува нејасно како ќе постапи Алијансата за Албанците. И од страната на Села и на Таравари велат дека судот ќе одлучува за легитимитетот на партискиот лидер, но досега ниту една страна не покренала судска постапка за тоа. Ги прашавме дали планираат да направат такво нешто?

„Во моментов решивме да не се занимаваме чија е партијата а чија не е. Судот ќе го има последниот збор. Оваа работа ќе ја водат нашите правни застапници. Доколку се одлучи нешто поинаку, ќе ве информираме“, порача АА, крило на Таравари.

Ја прашавме и страната на Села, но оттаму не добивме никакви одговори. Вчера Зијадин Села рече дека печатите се во рацете на народот и на конгресот.

„Печатот е во рацете на членовите на АА, во рацете на Конгресот. Секој може да го “грабне“ печатот, тоа не е ништо, Се знае со имиња и презимиња, и со ознаките на АА“, порача Зијадин Села.

Но, листата на чие крило ќе ја прифати ДИК доколку не дојде до судски исход? Од таму велат дека право на кандидирање имаат политичките партии кои сакаат да се натпреваруваат самостојно, но и во коалиција. Објаснуваат дека секоја партија мора да поднесе потврда од Централен регистар и решение од надлежен суд за регистрација на политичката партија.

„Право да поднесат листа на кандидати за пратеници имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи. Во прилог на поднесената листа на кандидати се доставува и Договор за коалицирање, Потврда од Централен регистер и Решение од надлежен суд за регистрација на политичката партија, во оригинал или копија заверена на нотар. (чл.64 од Изборниот законик). Државната изборна комисија исклучиво постапува согласно одредбите во Изборниот законик“, вели ДИК.

Инаку, предизборната кампања за претседателските избори стартува на 4 и ќе трае до 22 април, додека пак за парламентарните од 18 април до 6 мај.