Чулев демантира дека полицајците кои се на распит се дел од неговиот тим

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вечерва демантираше дека полициските службеници, кои се на распит во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се дел од неговиот тим.

„Во врска со пишувањата во медиумите за наводни апсења на лица кои се дел од мојот тим, би сакал да ја информирам јавноста дека најостро ги демантираме овие наводи. Имено, станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со мојот тим или пак мојот кабинет. Лицата немаат добиено какви било решенија од моја страна“, нагласува Чулев, кој откако случајот излезе во медиумите до јавноста се обрати преку својот Фејсбук профил.

„Во таа насока во целост ги демантирам наводите објавени во медиумите кои се креирани од луѓе кои сакаат да застанат на патот на правдата. Уште еднаш напоменувам дека изнесените наводи во медиумите се лага и конструкција смислена од претходното раководство на министерството за внатрешни работи. Овие лажни вести се пласираат за да се нанесе штета на моето работење и на моите соработници“, додава Чулев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ