Инфантино тврди дека ја има поддршката на „огромното мнозинство“ во светскиот фудбал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, инсистира дека ја има поддршката на „огромното, огромно мнозинство“ во светскиот фудбал. Тој со смеа ги отфрли прашањата дали размислувал да поднесе оставка по контроверзниот предлог за комерцијализација на правата на Светското првенство.

Во ретко интервју за „Би-би-си спорт“, Инфантино зазеде пркосен став во однос на својата позиција по контроверзниот предлог „ФИФА Форвард ентерпрајз“ (FFE). Тој призна дека не е секогаш лесно различните гледишта да се обединат „под еден покрив“.

„Нема ништо лошо во несогласувањето. Тоа го гледаме секојдневно во многу земји во светот. Во ред е да не се согласуваме. Во ред е да имаме различни гледишта, но потоа треба да можеме да продолжиме понатаму“, изјави Инфантино.

Пред два месеца, Инфантино се соочуваше со сè поголеми повици да се повлече од функцијата претседател на организацијата што ја води од 2016 година.

Претседателите на УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација и КОНКАКАФ, организацијата што го управува фудбалот во Северна и Централна Америка, потпишаа писмо во кое го обвинија претседателот на ФИФА дека ја нарушил довербата „преку измама“.

Минатата недела, УЕФА побара од ФИФА до 2 ноември да ги објави сите клучни документи поврзани со предлогот FFE. Генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, изјави дека организацијата не одговорила на „низа суштински прашања“.

Според предлогот FFE, кој Инфантино го повлече само неколку дена по неговото претставување, дел од комерцијалните права на натпреварувањата организирани од светската фудбалска централа требаше да бидат продадени на приватна инвестициска компанија.

По испраќањето на писмото, Инфантино патуваше низ светот, посетувајќи ги Мароко, Доминиканската Република, Зеленортските Острови и Јапонија. Во меѓувреме, успеа да ја зацврсти поддршката до степен што неговиот реизбор за четврти мандат следната година сега изгледа речиси извесен. Тој предложи и зголемување за 3,4 милијарди долари на средствата наменети за развој на фудбалот низ светот.

ФИФА направила и некои работи „можеби помалку добро“

Во интервјуто, Инфантино се осврна на тоа дека добил „целосна поддршка“ од Азиската фудбалска конфедерација, по промената на ставот на нејзиниот претседател, шеикот Салман, како и дека ја има поддршката од „сите африкански земји“.

Сепак, минатата недела тој му се извини на Советот на ФИФА за начинот на кој биле спроведени „комуникацијата и консултациите“ во врска со предлогот FFE. На состанокот, членови на Советот му рекле дека не е „соодветен за функцијата претседател на ФИФА“ доколку не им ги достави бараните документи, вклучително и образложението за предлогот FFE.

Но, кога беше прашан кога ќе ги достави документите, Инфантино не даде јасен одговор. Рече дека треба да се следи „правна постапка“ и дека „работат на тоа“. „Секако, ќе одговориме на сите поставени прашања, во рамките на она што го дозволува постапката и колку што можеме“, изјави тој.

Во разговорот, воден за време на првото Светско првенство за фудбалери до 15 години во Азербејџан, Инфантино рече дека тој и администрацијата на ФИФА работат „најдобро што можат“, но призна дека направиле „некои работи што можеби не биле толку добри“. Тој додаде дека е потребен почест дијалог со УЕФА за да се поправат нарушените односи меѓу двете организации.

На прашањето на „Би-би-си“ дали е соодветен за претседател на ФИФА и дали размислувал да се повлече, Инфантино се насмеа, а потоа одговори: „Знаете, мене ме избраа 211 членки на ФИФА од целиот свет…Мислам дека е важно во организација како ФИФА да постојат различни мислења и гледишта….Но, ако сме сериозни во однос на демократијата, демократските процеси и верувањето дека сите имаат еднаков глас и исто право на одлучување низ светот, и ако навистина веруваме дека фудбалот им припаѓа на сите, тогаш мораме да ги почитуваме ставовите на огромното, огромно мнозинство”.

Инфантино истакна дека има поддршка и од азиските и африканските фудбалски федерации. „Штотуку се вратив од Токио, каде што Азиската фудбалска конфедерација ми даде целосна поддршка. Бев и на Зеленортските Острови, каде што ме поддржаа сите земји-членки на Африканската фудбалска конфедерација. Разговарам со сите фудбалски асоцијации низ светот.“, рече тој.

Според него, постојат различни гледишта и не е секогаш лесно сите да се обединат под еден покрив. “Но, мораме да ги почитуваме, а јас ги почитувам сите мислења и ставови. На крајот, фудбалските асоцијации-членки на ФИФА ќе одлучат кого сакаат за претседател и како сакаат да се управува со ФИФА.“, изјави Инфантино.

Рокот за кандидатите да ја потврдат својата кандидатура против Инфантино на изборите во март е 18 ноември. Досега, ниту еден кандидат не поднел кандидатура, па можно е Инфантино да се кандидира без противкандидат.