Кривична пријава против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски како последица на политичките притисоци од БЈБ во МВР тврди техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Според тоа што го тврди Чулев, сите материјали од Здравствениот инспекторат не му се доставени нему туку на директорот на БЈБ, Сашо Тасевски.
Техничкиот министер вели дека од СВР Куманово го информирале преку усна наредба дека се назначени двајца инспектори од Скопје кои отишле во СВР Куманово, каде заедно со инспекторите од Куманово отишле во Јавното обвинителство Куманово каде вршеле притисок да се покрене кривична пријава против Димитриевски иако недостигале елементи за такво нешто.
Политиката инволвираност во овој случај, според Чулев ја потврдува и отфрлањето на кривичната пријава на експресен начин од Обвинителството.
ТВ21 преку службата за односи со јавност во МВР, побара одговор од директорот на БЈБ за тврдењата на Чулев, но одговор не добивме.
Градоначалникот на Куманово потврди за ТВ21 дека се сомнева во раководителите во МВР дека со пријавата сакале да го оцрнат монтирајќи му кривична пријава, меѓутоа без да спомене на кого конкретно мисли.
Димитриевски бара да се спроведе внатрешна контрола во МВР за да се потврдат неправилностите во кои тој се сомнева, а следниот чекор е судење на виновниците. Техничкиот министер Чулев преку ТВ21 го охрабрува Димитриевски доколку смета дека полициски функционери ги пречекориле своите надлежности при постапувањето за овој случај, да достави претставка до секторот за внатрешна контрола во МВР при што ќе се постапува за утврдување одговорност. Кривичната пријава против Димитриевски е покрената за кривично дело – непочитување на здравствените правила. Неколку дена подоцна Основното јавно обвинителство Куманово, ја отфрли кривичната пријава.
