Да не се излегува без потреба по 18 часот – нова година без прослава и собири дома и на плоштад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нова Година и другите празници во овој период граѓаните ќе ги поминат без прослави и собири на плоштад како што беше традиција. Освен тоа, од 18 часот граѓаните не треба да излегуваат од одма без потреба. Овие предлози Комисијата за заразни болести и ги предложила на Владата а истите би биле во функција речиси еден месец, од 18 декември до 21 јануари.

„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за престојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба. Се забранува групирање на плоштад на новогодишната ноќ и прослава како и секаков вид собири за време на новогодишните празници“, истакна Венко Филипче.

Забраната за собири на јавни места останува на сила и единиците за локална самоуправа да го интензивираат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка, велат од МЗ.

„Во однос на верските празници, на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот  број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски“, додава Венко Филипче.

Комисијата за заразни болести предлага да се забрани каков било вид прослава во рамки на работните организации. Предлозите се доставени до владата која го има последниот збор дали ќе ги прифати овие препораки кои се однесуваат на спречување на ширењето на вирусот Ковид 19.