„Да се намали цената за 15% на горивата и енергенсите“ – Влада: Поскапувањето е за заштита на животната средина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ако дојде до зголемување на цените на енергенсите, електричната енергија и горивата тоа ќе претставува драстично намалување на стандардот на сите жители во државата, реагираат од Независниот синдикат на камионските транспортери на Македонија откако владата донесе одлука за повисока еколошка такса. Од таму бараат намалување на цената за 15 проценти на горивата и останатите енергенси.

„Самата најава за зголемување на цените на енергенсите, веќе предизвика лавина на поскапувања на сите производи, пред се, на оние најважните животни продукти. За да не дојде до понатамошно осиромашување на граѓаните, бараме од цената да биде отстранета ангажираната моќност во висина од 33,33 проценти и да се намали цената на струјата за дополнителни 15 проценти заради надминување на т.н. ковид-криза“, вели Страшо Јованов од Синдикатот на камионските транспортери.

Од Независниот синдикат на градежни работници инженери и трговци во градежништвото велат дека со најавата и со веројатноста за покачување на цените на енергенсите ќе дојде до зголемување на цените на основните животни продукти кои се потребни за опстанок на граѓаните и на секое семејство.

„Маслото за јадење, јајцата, лебот слушам дека некаде се веќе поскапени и другите основни продукти. Значи, ова не е мислење за народот, ова е мислење како да се наполни Буџетот и да се потроши во несоодветни цели. Не смееме ова да го дозволиме никогаш“, изјави Атанас Трајковски од синдикатот на градежни работници-инженери.

Со реакција се јавија и од опозициската ВМРО ДПМНЕ, од каде што велат дека станува збор за една несоодветна и штетна мерка.

„Наместо да се воведе построга контрола на мерење на емисијата на издувни гасови при регистрација на возилата, како основа за примена на принципот „загадувачот плаќа“ во овој контекст, се предлага линеарно зголемување на цените на горивата за сите корисници, без разлика на видот на превозното средство. Мерката ќе има претежно фискален ефект на зголемување на приходите во буџетот. Таа нема никаква врска со екологија и заштита на животната средина, туку претставува само друго име за кризен данок.“, вели Трајко Славевски.

Инаку измените на Законот за животна средина со кои се предвидува повисока еколошка такса за нафтените деривати одат на усвојување во Собранието, одлучи владата на вчерашната  вонредна седница. Со нив се предвидува повисока еколошка такса, 3,1 денар за безоловниот бензин и 3,5 денари за останатите горива. Ова според Владата се прави за заштита на животната средина. За разлика од овој потег, Владата оди со намалување на ДДВ за струјата, од 18 на пет отсто.