По прогласувањето на Шар Планина за национален парк, ќе треба за три месеци да се основа и претпријатие кое ќе го менаџира овој национален парк. За три години ќе треба да се изработи и план за менаџирање. Метин Мухареми од МЕД бил вклучен во активностите за прогласување на Шар Планина за национален парк. Тој се надева дека ќе се вклучат сите жители во овој проект, бидејќи за овој регион, како што вели, овој проект е најважен по прогласувањето на независноста на Македонија.
„Како платформа и како активисти се надеваме процесот да биде што потранспарентен и да има локална вклученост на локалните жители и на оние кои се занимавале со овој грандиозен проект бидејќи мислиме дека е еден од најграндиозните проекти по независноста на Македонија. Се надеваме да се вклучат локалните жители со цел и тие да дадат свое мислење за тоа како треба да изгледа националниот парк Шар Планина. Од Министерството за животна средина е донесен мораториум за спречување на сите градежни активности и се надеваме да се почитува“, вели Мухареми.
Но Александар Стојановски од планинското друштво Јелак смета дека сега започнува најтешкиот дел.
Пред неколку недели Шар Планина беше прогласена за национален парк од страна на Министерството за животна средина. Но изградбата на хидроцентрали на речиси секоја река на Шара предизвика пореметување на биодиверзитетот. Еколошките активисти неколку пати побарале од владата да се спречи изградбата на хидроцентралите но нивните барања не наишле на слух.
