Првата судијка во Европскиот суд за човекови права и актуелен претседател на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николоска, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 се осврна на улогата на анкетните комисии во државата.
Николоска истакна дека анкетните комисии можат да дадат одредена перцепција и да помогнат во воспоставување на одреден вид на одговорност, но дека кривичната одговорност не може да се утврдува преку нив.
„Тоа е работа на судот, и кривично-правната одговорност треба да се оствари во судските постапки,“ нагласи таа.
Таа додаде дека јавноста понекогаш може да создаде впечаток дека формирањето на анкетна комисија има политичка цел.
„На некој начин, да. Особено кога станува збор за случаи за кои веќе има пресуди, иако не се правосилни. Сепак, постојат одредени одлуки кои упатуваат како треба да се постапува од кривично-правен аспект,“ објасни Николоска.
Според нејзините зборови, анкетните комисии се политичко-правен инструмент, и во одредени ситуации е тешко да се оцени колку се навистина потребни и ефективни.
