Не е иста методологијата за Листата со гласачи и таа според која се спроведува Пописот на населението, велат од ДИК на прашањето дали по пописот ќе има измени во бројот на гласачкото тело. Додаваат дека избирачкиот список се одржува според регистарот на државјани, додека во избирачкиот список се регистрираат сите граѓани кои до денот на гласањето наполниле 18 години, имаат важечка лична карта или пасош и живеалиште во Македонија.
„Во Избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на РСМ кои се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на РСМ и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во РСМ. Податоците за евиденција во Избирачкиот список, согласно Член 43 од Изборниот законик, Државната изборна комисија ги добива од Министерството за внатрешни работи“, велат од ДИК.
ТВ21 во текот на денот се обиде поопширно во врска со оваа тема да го интервјуира претседателот на ДИК, Александар Даштевски кој не прифати да зборува, туку ни испрати писмен одговор.
За оваа тема, заменик директорот на ДЗС, Иљми Селами вели дека треба да се направат разлики меѓу оние кои имаат право на глас и оние кои имаат живеалиште.
„Треба да се направи јасна разлика меѓу тоа што значи право на глас а што живеалиште во едно населено место. Значи, правото на глас се добива со државјанство, штом добиете државјанство и наполните 18 години се стекнувате со право да бидете гласани и да гласате“, вели Селами.
Инаку, податоците од Пописот 2021 се однесуваат само на резидентното население, а како што вели Селами, на 30 април ќе се знае и од кои општини се попишани нерезидентни граѓани.
